Tuesday, January 8, 2013

.

13. 01. 2012

.
.
.
Ничија.
Таква те сакам.
.
.
.

Јас vs. Реалност

26. 11. 2011



Јас, PR на илузијата, мајата, фантазерите, ирациото!
И ја губам битката. Се поблиску сум до пораз. Се трудам да се одржам во длабочината, но мојот противник е посилен. Ме одржува на површина.
Не се ни осмелувам да ја примам во свесниот ум идејата дека не припаѓаме заедно. Дека не правиме целина, туку само уште повеќе ја расипуваме сликата. Дека рабовите ни удираат еден во друг, ја гребат туѓата површина, го оштетуваат туѓиот имот. Дека иако сме претопени во едно, смесата содржи грутки. И парчиња камен, на кои се кршат заби. И се плаче од заслепувачка болка.
Страшни мисли. Ги извлекувам надвор за да исчезнат од внатре. Тоа не иде така, би рекол, но тоа е твојата логика. Мојата и онаа на сите новороденчиња на светот, би тврдела дека ако нештото не ти е пред очи, тоа не постои. Па што?
Ако внатре беше стравот, јас сега го истуркав надвор. Навреден, при преминот на прагот позелене и стана јад. Очекував надеж.
Ќе престанам да правам неред во туѓ дом. Треба да излезам, зашто никој не е виновен; јас сум широка а домот е интимен и малечок. Совршен сам за себе.
Полн искршено стакло со мене.
Ја изгубив битката, она што потона никогаш нема да се врати. Не без изгубен сјај.
Во гласот ми трепери реална нота.
Можеби сега ќе успееме да се разбереме?
Добредојдовте во сувото, ветровито, ужасно гратче наречено
Вистина.

Необичниот ден на г-дин Глу

06. 11. 2011






Петок. Навидум ден обичен ко и секој друг за господин Глу.
Со мал исклучок: денес не требаше да оди на работа. Врвот на денешната забава очекуваше да ја најде во длапката на фотељата пред телевизорот. После четкањето на забите цели 25 минути со пет различни забни пасти кои влијаат на различни процеси во устата, бавно се притркала кон терасата каде што планираше да впие точно десет зраци утринско сонце, препорачаната доза.
- Добро утро! - му свика ситната фина старица од комшилук која мирно си ја касапеше грмушката рози во дворот. За миг запре со работата и замислено погледна во отсјајот на сончевината во зеленилото околу неа. - Ова ќе биде убав ден.
- Ист ко сите. Ти арна? - и врати господин Глу, притоа внимателно броејќи минути во себе.
Старицата пак го прекина штракањето на ножиците и се приближи до него.
- Блед ми изгледаш, синко. Белки не...зарем дојде денот? - тивко праша.
Господин Глу се збуни, па се вџаши, и го помеша броењето. Ете, и здравјето отиде во неповрат. Процупка во место и промрмори без да го крене погледот:
- Ден ист ко и сите.
А всушност беше суден. Ова беше денот. Најважниот во животот на возрасната единка во овие мошне важни времиња. Ете, неговата општествена неистакнатост како државен службеник, успеа да му овозможи мало одолговлекување, но сепак времето дојде. “А кога времето ќе дојде, сепак треба да се обидеш”, нервозно се согласи сам со себе.
На негово големо жалење, таму некаде во длабочината под сите негови потиснувани потреби се уште постоеше избледен древниот корен на желбата за постигнување и издвојување од толпата.
За половина час беше пред Институтот. Големата табла на ѕидот објаснуваше: Издавање дозвола за поседување на лично мислење – петти спрат, соба бр. 15. Видно потресен, ги повторуваше во себе основите за правилно презентирање, иако знаеше дека сите информации кои ги имаше собрано изминатите години  нема да му бидат од корист; на овие им е работа да допрат токму до она кое сакаш да го скриеш.
Сив ветар, насеан со гужва од народ пред главната врата. Од едната страна многубројни нервозни и разочарани, од другата малцинство арогантно самоуверени.
Се освен насмевки.
Господин Глу целиот свој досегашен живот го посвети на нормално, уредно функционирање. Во светот во кој денес се живее, единствените опции се неговата или екстремизам. Како мал не беше избран за да влезе во училишната програма за развивање индивидуи, па среќно си стагнираше во класот на просекот низ текот на целото школување. Веднаш се вработи на нималку возбудлива позиција, и својата должност на еден мал запченик во големата машинерија си ја вршеше просечно добро и без претерувања.
Кон човечките суштества од било кој ранг беше фин но никогаш срдечен, не ги оправдуваше длабоките приврзувања па затоа и неколкуте љубови во неговиот живот беа едвај нешто повеќе од минливи пријателства, а фамилија скоро ко и да немаше зашто психолозите советуваа одвоеност од неизбежно трауматското фамилијарно минато како предуслов за нормален зрел живот. Општиот научен заклучок беше дека семејствата носат повеќе штета отколку корист; кој е тој да противречи.
Па затоа, при повнимателно размислување, заклучи дека воопшто не ја ни сака таа дозвола, таа беше закана за неговиот хармоничен живот, таа беше страшна одговорност кон ионака преценетото сопствено мислење.
Ставот на ерата, кој г-дин Глу апсолутно го оправдуваше, гласеше:
Треба да си само човек, фин и лојален претставник на својата раса; непотребно е превземањето ризици и зафркавањето со сопствената генетика. Никој веќе не чекори по улиците, сите се движат по роботизираната индустриска лента, возможно е само менување на темпото. Тоа беше неизбежниот врв на човечкиот развој, велеа теоретичарите на модерното општество, ова е целта на човештвото која толку време ни беше пред носот а не го забележувавме.
Кому му носи корист постоењето на лични ставови кај секој жив поединец? Дали вреди целата мака, трошење животи во конфликт со авторитетите и општеството при градењето на свој личен вредносен систем и умствен филтер, кога таа пот не придонесува на квалитетот на животот ниту на единката, ниту пак на општеството?
Злоупотребата на мислењето доведе до илузиорни потреби кои без исклучок водеа до банални судири кои пак резултираа со воведување на банални комодитети. Луѓето станаа разгалени, умислени дека умеат да мислат, нон-стоп дрдореа и дискутираа, бесполезно јадеа воздух, а зошто? Затоа што ги мрзеше да бидат од корист, за тоа треба само да си го знаеш местото на светот наместо филозофија.
Откритијата на големите умови го менуваа светот; но колку такви ни се навистина потребни? Одбраните нека се занимаваат со апстракт или наука, а обичниот човек воопшто нема потреба да се измачува со недостижни нешта. Просечноста е суштински потребна; обичноста веќе предолго беше потценувана! Форсирањето на уникатност во минатото не доведе до општа анархија, одеднаш секој жив морон имаше нешто да каже, па уште истото и да го брани!
Од тие мошне разумни причини уште одамна беше формирана комисија од брилијантни мозоци, кои би биле компетентни да одлучат кој е кадарен за да смисли нешто фино со сопствена глава, а кој треба едноставно да си ја брка вообичаената работа и да не ги нервира претходно наведените со бесмислици.
Така треба да биде.
Г-дин Глу се сепна завршувајќи го ова мало интерно потсетување.
Чувствувајќи се повторно смирен и безбеден, се врати во своите нормални мисловни граници. Си ја поднамести сивата вратоврска, се погледна во стаклената врата: тап поглед, апатична гардероба - апсолутно витален изглед.
Влезе и се упати кон петтиот кат, без никакви посебни желби и очекувања.
Животот е убав.

darkwater

25. 20. 2011



Блиска по извор и течение, без твоја дозвола те открив, без свое знаење се сетив.
Осамениот култ кон идеалната жртвена машкост се пробуди и впиша знак на твоето чело. Ти си суштествен архетип од личносна вредност, совршено поклопување.
Едно вдишување. Ти знаеш. Трепериш низ погледот. Ти ја голтам сенката, зашто само сенка и гледам. Сенка скроена за мене. Опседната. Те открив по мирисот на контурите, уште пред да видам лик.
Легендата не зборува за заедничко постоење. Затоа не сакам збор за моето совршено исполнување. Барам мир без тебе, барам неспознаено припаѓање. Преголемиот концентрат на себство се разјадува сам себе.
Се што можат двата столба на мрачниот век е да се погледнат во очи под структурата што расте на нивниот горд грб, и да молкнат вечно. Секој обид за доближување е пропаст за светоста на врвот.




*
дојди
што подалеку

решив...

19. 08. 2011


...ти се предавам тебе цела, јас сум создадена за љубење, тоа е моето дишење, тоа е мојата дејност, ме сопираш, си велам треба да направам пауза и да се љубам себеси највеќе, и застанувам на врвот на нарцисоидноста, и ја здогледувам празнината, недоискажаноста, и не можам повеќе ни така, не, мене никаде не ме собира...
големите цврсти раце
можеа да го опфатат цел свет
да градат и владеат
но не и тебе
малата кршлива ти
се лизгаше низ прсти.


месечеви мени

09. 07. 2011


.

јас сум самовила!
секој ден станувам се полесна
се смалувам, лицето ми се собира
и кашлам се повеќе
поради ебениот самовилски прав.
грдотија исцедена од зјапања
- за мене си најубава, најмила!
психо-квиз
сакам да заспијам а неможам
се прашувам колкумина се мачат
во овој момент на овој начин
преговарајќи со својата мозочна маса
по секоја цена
на овој свет и во водата...

јас сум принцеза!
секојпат кога ќе ме наречеш така
но можам да се преформулирам и во обичен отпад
повторно, според твојата волја
од тебе зависи мојата слика,
ти ги развлекуваш конците на перницата
ти и вдахнуваш жив дух на мојата неподвижна материја
Залудно.
твојот поглед се менува
со секоја нова месечева мена
а твојата љубов и прошка се условени
од ефтиноста на моменталните расположенија
стругајќи го и последното парче малтер
од мојата лабава фасада што сонува за стабилност
како девојче за вљубена младост.
после краткиот стој на прсти
пак застанувам цврсто на земја
и се здогледувам себеси во твоето неправилно дишење
на круната ми пишува:
омилено парче месо
за поигрување и гризење.
.
.

човекот и Тоа

06. 07. 2011




Јас овде нема да заживеам, нема да про’ртам и потерам, нема да си најдам ритам, оддишка и ред.
Ќе изгнијам вака, во утробата нежно а на рабовите грубо, од тебе шупливо а од себе преполно, прелеано, насекаде растечено.
Ќе ти бидам само несон, недом, неживот.
Пушти ме.
.
.
...тогаш човекот се намурти.
...тогаш човекот се расплака.
...тогаш човекот се насмевна.
.
.