Monday, January 7, 2013

Infected Wonderland

11. 09. 2008







-“Проклетство, девојко.” Снежана нервозно тропна по масата од дабово дрво. Металниот нож и дебелото јаболко потскокнаа со хармоничен звук. Притоа прилично лошо го удри палецот во фината длабока резба, па со солзи во очите опцу уште погласно од тресокот.
Алиса мрзеливо ја набљудуваше, одвреме-навреме лизнувајќи го погледот кон јаболкото и ножот на масата кои сега се наоѓаа блиску до работ.

-“Mене, гледај ме мене. И ајде објасни ми, те молам, зошто не се обидеш веќе еднаш да проживееш некоја нова сказна? Зар е тоа толку тешко?
Зар човекот никогаш нема да прифати дека чудата и совршенствата се веќе одамна одиграни претстави?
Веројатно само малкумина сфаќаат дека во мое време, приказната за мојот живот не беше ништо посебно, беше толку далеку од гротескниот приказ кој го има денес.
Ма постоеја уште 100тина кратки и долги, но со еднакво најсреќни краеви како мојот. Сигурно и го знаеш најголем дел од нив.
Мојата навидум ретко совршена среќа беше сосема вообичаена, мила.
Но акцентот воопшто не се наоѓаше таму! Знаеш ли зошто всушност уживав толку многу?
Бидејќи покрај се, начинот на кој се одигруваше концептот беше мој. Ликовите, исто така. Дабовите и мали темјанушки со одвратна боја кои начекував на патот кон шумата, беа видени само низ моите очи, и исфилтрирани низ само моите мисли. Околностите, небото, доброто и злото, беа универзални продукти, но мојата верзија ја скроив јас, со мој материјал. Хах, а всушност мислиш дека прекрасно поминав со тој алкохоличар? Шарените книги го кажуваат само она што може да изгледа убаво на страницата.”

Остро го дигна погледот.
-“Единствената разлика е што тогаш имаше доволно енергија и младост за да го издржи и своето пропаѓање со најголем можен стил, и да ме одржи мене задоволна. А сега, очигледно, истото веќе му оди малку потешко.”

Oчите на Алиса фркнаа. “Е, колку само имам јас да кажам на таа тема.”, помисли.
-“Затоа, ти велам” Снежана мирно палеше цигара, “батали го тој проверен, пресметан живот. Едноставно, нема да успее. Овие ѕидини тоа веќе го виделе.” Го погали студениот камен како да му се радува на стар пријател.
“И нема да дозволат таква глупост да биде проживеана пак."
Само оваа реченица не одекна од камените ѕидови, туку остана да стои во воздухот меѓу нив, потврдена со молк.
-“Подобро веднаш пробај го она што ти го донесов.
И веќе не жали по мене, но и не ме презирај бидејќи сум толку совршена!”
Ја погледна со заводнички подигната лева веѓа, и собрани треперливи усни кои едвај се воздржуваа од кикот, ноншалантно ја подигна главата и го испушти чадот кон таванот.

Алиса рамнодушно и го с'сна погледот.
Снежана уморно издивна.
-“Добро. Ако веќе не сакаш на мене, зборувај им на здивовите кои ги слушаш ноќе или на пчелите кои заталкуваат овде.“
Го рече ова и брливо ги преврте очите.
-“Верувај ми мила, овде ќе се распаднеш напразно. А јас во вторава младост веќе научив дека треба да се трудиме да се распаѓаме со добра цел.”
Нежно и ја фати студената рака, и почна брзо да шепоти.
“Овде...ќе лежиш како будала која не може да го почувствува ветрот и не умее да се насмее кога кучето ќе го гризне задникот на дебелиот стражар. Ќе го чекаш вистинскиот ден да падне точно низ покривот над нас, да те удри по глава како ѓуле полно просветлување. А всушност, се што ќе добиеш ќе бидат милионите мравки кои ќе ти го јадат телото, рамномерни бранови на гниење од стапалата кон главата, одново и одново, додека не испариш низ овој единствен прозорец.”

Очите на Снежана беа чудно големи додека го зборуваше тоа. Aлиса се посомнева дали го учела напамет. Онаа Снежана која таа ја замислуваше воопшто не беше бистра, а уште помалку креативна во други сфери на живеење освен печењето колачи.
-“Сега морам да одам, девојко.”
Воздухот го смачка и последниот призор од пријатно смрдливиот чад на цигарата. Снежана стана, го подисправи фустанот, неуспешно се обиде да ја замазни бушавата црна коса, при тоа мала болка ја присети на повредениот прст и тивко офна.
Потоа уште еднаш ја погледна Алиса и и рече:
-“Но ќе се видиме повторно. Ме презираш и ме обожаваш, затоа повторно ќе успеам да те привлечам кон себе. Се надевам дека тој ден ќе те видам слободна, како мала шумска змија.”
Прво широко се насмеа, но веднаш ја смени насмевката со безизразен лик, со сериозни, извајани, црти.
-“Ќе се видиме повторно.“





No comments:

Post a Comment