Monday, January 7, 2013

Без очи

03. 10. 2008



Господине, ова е последната сеанса.
Немам веќе што друго да ви претскажам.
Ја продадов и последната кристална топка од излогот на минатото.
Сега се е овде и таму.
Јас сум само мала свештеничка на уличниот живот, немате потреба од моите приказни.
Ви нудев само духови погазени во калливите битки од мојот плакар, обезличени старудии кои ветриштата на преобразбата сепак нашле начин да ги претворат во безвременски вкусно вино.
Се разбира дека вас тоа не ве интересира.
Никогаш не ме послушавте, не ми дозволивте да ви ја допирам раната.  Секому кој поседува глас на светов му дозволивте одново да ви го создава веќе постоечкото.
Секој ден имавте туѓ парфем во душата, и секое утро нов сликар ви го сликаше сонцето.
О, не грижете се. Вербата никогаш не би ми дозволила да ве осудувам, секогаш ќе ве паметам како момченце, живо како игриво детство, деликатно како музичар опиен од нотите на својот нежен дух. Но Вие простете ми мене, една мала нечиста богохулничка, што не сакам да видам како наскоро полека, успиван од многубројни туѓи гласови и кикоти, ќе го затворите и здивот, говорот. И како вашата едноставна чистина, пречесто миена, просто ќе се впие самата во себе, ќе се собере во една точка, и ќе исчезне.                                                                                                
А мене уште една доверена душа ќе ми се лизне низ прстите брзо како светол песок.
Но како ли можев да ви помогнам,
момченце без очи?



No comments:

Post a Comment