Monday, January 7, 2013

.единствена молитва.

07. 05. 2008




Нема каде надвор, само оваа соба ми остана од светот.
Некои краишта ги напуштав доброволно, смешно и диво.
А некаде оставав долгови огромни.
Таа ненаситност не толку одамна доведе до еуфорија за мое погубување во тек на една џиновска гозба, но токму тогаш, судбински, ме купи црн низок странец.
Сонувачот вложи во мене, се обложи на својот омилен тркачки коњ.
И изгуби страшно.
Изненаденото око му падна во длабока јама, се стутка од немоќ.
Дланките затоплени од триење останаа без сета боја.
Мојот животински умор го зароби во зандана без контраст и смисла.
Што се случува со поседуваните кои губат во игра за туѓа моќ?
Бидуваат за бесот на господарот храна.
Кажувајте им го тоа и на малечките ваши.
Под жегата на тоа сознание, нека клоцаат секогаш гневно.
И самата порано клоцав додека не пробиев до песок под ѕвезди, но овојпат во истото име се молам со часови веќе.
Да не биде прежилаво месово, да ми биде слатка крвта.
За да се наполни до врв гладта за успех на брадестиот.
Нека капките крв кои ќе му ги украсат образите и фината кошула, застојат како гнасни темноцрвени белези во мој инаетлив спомен, нека не ги смива ниедна вода дур мене сосема не ме снема.
Нека чекори тогаш тој низ градините свежи без потреба да се грижи околу болново тело.
Нека допре таму нови гриви, ослободен од секоја обвивка на лепливи мрсни трагови од моја кожа, гриви на ливади, окца на небо, без мој копнежлив здив под ушите.
Нека хармоничното растење на млади генерации лалиња му биде единствен слушнат ѕвон, доволно го мачеше само скршен џагор од нож по стаклата.
Да замине од здрвената тишина околу мене мирен, да тргне пред да експлодираат ѕвездите.
Тие имаат само еден краток интимен момент пред смртта, и незнаејќи кога е тоа, ќе мора да се насочи според своето силно и префинето чувство.
Затоа и дури трае очекуваното, ќе продолжам да се молам.
За утрото, за пладнето, за ноќта.
Упорно ќе си го замислувам Сонцето на својот пат во забрзано движење.
Додека наближуваат чекори.
Ќе знам дека тоа се само збунети звуци предизвикани од наглите промени во минатото, сегашноста и иднината, мили кикотења замрачени од многуте сенки на човекот.
На крајот, Сонцето запира во неговата дланка.
А тој ќе го покрие со чисти завои, ќе искашла темнина и ќе тропне.
Дебелата врата од мојата единствена соба лебдејќи над подот бавно ќе чкрипи, ќе ми прелета еден ветар без слика.
Само белиот завој ќе успеам да го видам, и го гледам уште сега, како предавник кој со добиеното злато зад грбот стои со склопени очи.
Бавно е, како да се движи осакатена армија низ море, но сакам да чекам.
Мојата сила да има доволно време да згасне како жар на патување низ воздухот до подот послан со слама и употребена вода.
Ќе се обидувам да go отрујам со некаков длабок поглед, некоја лута мисла тенка како шилец, но ќе знам само да сплетам само едно:
Природна мајко, заборави да ми кажеш каде ли ти оди шепотот кога те нема.
И веќе не сакам да знам.
Те молам само да не стане негова перница, зашто не ќе ги отвори очите повторно.
Оглувен и ослепен од писоците и блесоците на мојот тивок жал.

No comments:

Post a Comment