Monday, January 7, 2013

Lorelei...

13.06.2008



...На овој свет ќе изгниеш во чуден дом од топло дрво.
Собрана во затвор од милости земски, чувствувајќи болка и од лизгањето на кислородниот нектар.
Ќе те полудат кутрата, гласови во убавата глава.
Мајчинските повици назад под брановите кои прекриваат спокој.
Каде нежните не  молчат туку танцуваат со разбушавени коси.
И со ноќен здив, нивните  млади цветови од минатите животи разнесуваат траги.
Од меурите благ сон, ќе се опиваш.
Меѓу последните трепнувања.
 Ќе се сеќаваш.
Беше музата на Посејдон,
Сега и коралната постела мртва студена од тебе бега.
 
 
 
Lorelei...
 
 
 
...Зарем не беше ти само една малечка сирена.
...Зошто вечно им ги измачуваш здивовите, кога тие ништо не знаат.
...Зарем не беше ти само една малечка весела сирена?
Тие не знаат дека мислите и патеките на сирените се променливи како бојата на зраците светлина низ призмата на водата.
Тие не знаат дека откако зелените лисја ќе паднат, во нивните желни очи ќе зјапа само сувата кора на рането морско чудовиште, на гол просјак.
Убавината на најшармантниот безвреден лик?
Се мери, ама не се купува.
Тебе постојано ти доделуваат по една златна минута за да ја постелеш пред најмудрите, најбогатите, со најкрупни очи а слепи сенки.
Зарем сега да верувам дека капе нешто во бунарот на твојата длабочина?
Бесот мој ќе мине до наредната зимска месечина, но ти ќе останеш без добро срце, малечка.
...Каде бев кога требаше да плачам?
Зарем можеше најкревкиот концепт сам да го истапка својот пат низ овие денови?
Плачам.
Прашинките се лепат за влажните усни, а усните лажат и бакнежите гребат, прашинките вдишени се лепат за белите дробови, а белите дробови шуштат налик злобни ветришта.
Зарем било која љубов се губи, згаснува?
Секоја ја дува прашината од својот катанец, и чува место за клучот кој ја заборавил.
Секоја ги крие своите коски, налепени со трошки заскитани чувства после вечерата.
Мислите не умираат кај силните поврзувања, не.
Тие знаат дека мораат да најдат дупка низ која нишката веднаш ќе продолжи;
зашто дупчиња се прават и со 'рѓосаната игла на дамата од мојот одамна потонат брод,
а нишката љубов е редок сјај кој парчињата душа не смеат да си дозволат да се распрсне.
...Вечерва последен пат дојди и проси љубов под мојот прозорец, најмила.
Твоите сестри пеат на дното.
Зарем не знаеше дека бев твој?




No comments:

Post a Comment