Tuesday, January 8, 2013

Јас vs. Реалност

26. 11. 2011



Јас, PR на илузијата, мајата, фантазерите, ирациото!
И ја губам битката. Се поблиску сум до пораз. Се трудам да се одржам во длабочината, но мојот противник е посилен. Ме одржува на површина.
Не се ни осмелувам да ја примам во свесниот ум идејата дека не припаѓаме заедно. Дека не правиме целина, туку само уште повеќе ја расипуваме сликата. Дека рабовите ни удираат еден во друг, ја гребат туѓата површина, го оштетуваат туѓиот имот. Дека иако сме претопени во едно, смесата содржи грутки. И парчиња камен, на кои се кршат заби. И се плаче од заслепувачка болка.
Страшни мисли. Ги извлекувам надвор за да исчезнат од внатре. Тоа не иде така, би рекол, но тоа е твојата логика. Мојата и онаа на сите новороденчиња на светот, би тврдела дека ако нештото не ти е пред очи, тоа не постои. Па што?
Ако внатре беше стравот, јас сега го истуркав надвор. Навреден, при преминот на прагот позелене и стана јад. Очекував надеж.
Ќе престанам да правам неред во туѓ дом. Треба да излезам, зашто никој не е виновен; јас сум широка а домот е интимен и малечок. Совршен сам за себе.
Полн искршено стакло со мене.
Ја изгубив битката, она што потона никогаш нема да се врати. Не без изгубен сјај.
Во гласот ми трепери реална нота.
Можеби сега ќе успееме да се разбереме?
Добредојдовте во сувото, ветровито, ужасно гратче наречено
Вистина.

No comments:

Post a Comment