Tuesday, January 8, 2013

.

13. 01. 2012

.
.
.
Ничија.
Таква те сакам.
.
.
.

Јас vs. Реалност

26. 11. 2011



Јас, PR на илузијата, мајата, фантазерите, ирациото!
И ја губам битката. Се поблиску сум до пораз. Се трудам да се одржам во длабочината, но мојот противник е посилен. Ме одржува на површина.
Не се ни осмелувам да ја примам во свесниот ум идејата дека не припаѓаме заедно. Дека не правиме целина, туку само уште повеќе ја расипуваме сликата. Дека рабовите ни удираат еден во друг, ја гребат туѓата површина, го оштетуваат туѓиот имот. Дека иако сме претопени во едно, смесата содржи грутки. И парчиња камен, на кои се кршат заби. И се плаче од заслепувачка болка.
Страшни мисли. Ги извлекувам надвор за да исчезнат од внатре. Тоа не иде така, би рекол, но тоа е твојата логика. Мојата и онаа на сите новороденчиња на светот, би тврдела дека ако нештото не ти е пред очи, тоа не постои. Па што?
Ако внатре беше стравот, јас сега го истуркав надвор. Навреден, при преминот на прагот позелене и стана јад. Очекував надеж.
Ќе престанам да правам неред во туѓ дом. Треба да излезам, зашто никој не е виновен; јас сум широка а домот е интимен и малечок. Совршен сам за себе.
Полн искршено стакло со мене.
Ја изгубив битката, она што потона никогаш нема да се врати. Не без изгубен сјај.
Во гласот ми трепери реална нота.
Можеби сега ќе успееме да се разбереме?
Добредојдовте во сувото, ветровито, ужасно гратче наречено
Вистина.

Необичниот ден на г-дин Глу

06. 11. 2011






Петок. Навидум ден обичен ко и секој друг за господин Глу.
Со мал исклучок: денес не требаше да оди на работа. Врвот на денешната забава очекуваше да ја најде во длапката на фотељата пред телевизорот. После четкањето на забите цели 25 минути со пет различни забни пасти кои влијаат на различни процеси во устата, бавно се притркала кон терасата каде што планираше да впие точно десет зраци утринско сонце, препорачаната доза.
- Добро утро! - му свика ситната фина старица од комшилук која мирно си ја касапеше грмушката рози во дворот. За миг запре со работата и замислено погледна во отсјајот на сончевината во зеленилото околу неа. - Ова ќе биде убав ден.
- Ист ко сите. Ти арна? - и врати господин Глу, притоа внимателно броејќи минути во себе.
Старицата пак го прекина штракањето на ножиците и се приближи до него.
- Блед ми изгледаш, синко. Белки не...зарем дојде денот? - тивко праша.
Господин Глу се збуни, па се вџаши, и го помеша броењето. Ете, и здравјето отиде во неповрат. Процупка во место и промрмори без да го крене погледот:
- Ден ист ко и сите.
А всушност беше суден. Ова беше денот. Најважниот во животот на возрасната единка во овие мошне важни времиња. Ете, неговата општествена неистакнатост како државен службеник, успеа да му овозможи мало одолговлекување, но сепак времето дојде. “А кога времето ќе дојде, сепак треба да се обидеш”, нервозно се согласи сам со себе.
На негово големо жалење, таму некаде во длабочината под сите негови потиснувани потреби се уште постоеше избледен древниот корен на желбата за постигнување и издвојување од толпата.
За половина час беше пред Институтот. Големата табла на ѕидот објаснуваше: Издавање дозвола за поседување на лично мислење – петти спрат, соба бр. 15. Видно потресен, ги повторуваше во себе основите за правилно презентирање, иако знаеше дека сите информации кои ги имаше собрано изминатите години  нема да му бидат од корист; на овие им е работа да допрат токму до она кое сакаш да го скриеш.
Сив ветар, насеан со гужва од народ пред главната врата. Од едната страна многубројни нервозни и разочарани, од другата малцинство арогантно самоуверени.
Се освен насмевки.
Господин Глу целиот свој досегашен живот го посвети на нормално, уредно функционирање. Во светот во кој денес се живее, единствените опции се неговата или екстремизам. Како мал не беше избран за да влезе во училишната програма за развивање индивидуи, па среќно си стагнираше во класот на просекот низ текот на целото школување. Веднаш се вработи на нималку возбудлива позиција, и својата должност на еден мал запченик во големата машинерија си ја вршеше просечно добро и без претерувања.
Кон човечките суштества од било кој ранг беше фин но никогаш срдечен, не ги оправдуваше длабоките приврзувања па затоа и неколкуте љубови во неговиот живот беа едвај нешто повеќе од минливи пријателства, а фамилија скоро ко и да немаше зашто психолозите советуваа одвоеност од неизбежно трауматското фамилијарно минато како предуслов за нормален зрел живот. Општиот научен заклучок беше дека семејствата носат повеќе штета отколку корист; кој е тој да противречи.
Па затоа, при повнимателно размислување, заклучи дека воопшто не ја ни сака таа дозвола, таа беше закана за неговиот хармоничен живот, таа беше страшна одговорност кон ионака преценетото сопствено мислење.
Ставот на ерата, кој г-дин Глу апсолутно го оправдуваше, гласеше:
Треба да си само човек, фин и лојален претставник на својата раса; непотребно е превземањето ризици и зафркавањето со сопствената генетика. Никој веќе не чекори по улиците, сите се движат по роботизираната индустриска лента, возможно е само менување на темпото. Тоа беше неизбежниот врв на човечкиот развој, велеа теоретичарите на модерното општество, ова е целта на човештвото која толку време ни беше пред носот а не го забележувавме.
Кому му носи корист постоењето на лични ставови кај секој жив поединец? Дали вреди целата мака, трошење животи во конфликт со авторитетите и општеството при градењето на свој личен вредносен систем и умствен филтер, кога таа пот не придонесува на квалитетот на животот ниту на единката, ниту пак на општеството?
Злоупотребата на мислењето доведе до илузиорни потреби кои без исклучок водеа до банални судири кои пак резултираа со воведување на банални комодитети. Луѓето станаа разгалени, умислени дека умеат да мислат, нон-стоп дрдореа и дискутираа, бесполезно јадеа воздух, а зошто? Затоа што ги мрзеше да бидат од корист, за тоа треба само да си го знаеш местото на светот наместо филозофија.
Откритијата на големите умови го менуваа светот; но колку такви ни се навистина потребни? Одбраните нека се занимаваат со апстракт или наука, а обичниот човек воопшто нема потреба да се измачува со недостижни нешта. Просечноста е суштински потребна; обичноста веќе предолго беше потценувана! Форсирањето на уникатност во минатото не доведе до општа анархија, одеднаш секој жив морон имаше нешто да каже, па уште истото и да го брани!
Од тие мошне разумни причини уште одамна беше формирана комисија од брилијантни мозоци, кои би биле компетентни да одлучат кој е кадарен за да смисли нешто фино со сопствена глава, а кој треба едноставно да си ја брка вообичаената работа и да не ги нервира претходно наведените со бесмислици.
Така треба да биде.
Г-дин Глу се сепна завршувајќи го ова мало интерно потсетување.
Чувствувајќи се повторно смирен и безбеден, се врати во своите нормални мисловни граници. Си ја поднамести сивата вратоврска, се погледна во стаклената врата: тап поглед, апатична гардероба - апсолутно витален изглед.
Влезе и се упати кон петтиот кат, без никакви посебни желби и очекувања.
Животот е убав.

darkwater

25. 20. 2011



Блиска по извор и течение, без твоја дозвола те открив, без свое знаење се сетив.
Осамениот култ кон идеалната жртвена машкост се пробуди и впиша знак на твоето чело. Ти си суштествен архетип од личносна вредност, совршено поклопување.
Едно вдишување. Ти знаеш. Трепериш низ погледот. Ти ја голтам сенката, зашто само сенка и гледам. Сенка скроена за мене. Опседната. Те открив по мирисот на контурите, уште пред да видам лик.
Легендата не зборува за заедничко постоење. Затоа не сакам збор за моето совршено исполнување. Барам мир без тебе, барам неспознаено припаѓање. Преголемиот концентрат на себство се разјадува сам себе.
Се што можат двата столба на мрачниот век е да се погледнат во очи под структурата што расте на нивниот горд грб, и да молкнат вечно. Секој обид за доближување е пропаст за светоста на врвот.




*
дојди
што подалеку

решив...

19. 08. 2011


...ти се предавам тебе цела, јас сум создадена за љубење, тоа е моето дишење, тоа е мојата дејност, ме сопираш, си велам треба да направам пауза и да се љубам себеси највеќе, и застанувам на врвот на нарцисоидноста, и ја здогледувам празнината, недоискажаноста, и не можам повеќе ни така, не, мене никаде не ме собира...
големите цврсти раце
можеа да го опфатат цел свет
да градат и владеат
но не и тебе
малата кршлива ти
се лизгаше низ прсти.


месечеви мени

09. 07. 2011


.

јас сум самовила!
секој ден станувам се полесна
се смалувам, лицето ми се собира
и кашлам се повеќе
поради ебениот самовилски прав.
грдотија исцедена од зјапања
- за мене си најубава, најмила!
психо-квиз
сакам да заспијам а неможам
се прашувам колкумина се мачат
во овој момент на овој начин
преговарајќи со својата мозочна маса
по секоја цена
на овој свет и во водата...

јас сум принцеза!
секојпат кога ќе ме наречеш така
но можам да се преформулирам и во обичен отпад
повторно, според твојата волја
од тебе зависи мојата слика,
ти ги развлекуваш конците на перницата
ти и вдахнуваш жив дух на мојата неподвижна материја
Залудно.
твојот поглед се менува
со секоја нова месечева мена
а твојата љубов и прошка се условени
од ефтиноста на моменталните расположенија
стругајќи го и последното парче малтер
од мојата лабава фасада што сонува за стабилност
како девојче за вљубена младост.
после краткиот стој на прсти
пак застанувам цврсто на земја
и се здогледувам себеси во твоето неправилно дишење
на круната ми пишува:
омилено парче месо
за поигрување и гризење.
.
.

човекот и Тоа

06. 07. 2011




Јас овде нема да заживеам, нема да про’ртам и потерам, нема да си најдам ритам, оддишка и ред.
Ќе изгнијам вака, во утробата нежно а на рабовите грубо, од тебе шупливо а од себе преполно, прелеано, насекаде растечено.
Ќе ти бидам само несон, недом, неживот.
Пушти ме.
.
.
...тогаш човекот се намурти.
...тогаш човекот се расплака.
...тогаш човекот се насмевна.
.
.

калинка

14. 11. 2009


Меко се проби низ кутијата за накит,
Ја заврте својата црвена глава
Го појави снажниот грб облечен во кожа
Го наведна погледот под брановите коса
Просолзи врз моето нежно око
Ја нагази земјата со груб чекор.

                                                          Падна.

ти си како калинка,
ти спиеш меѓу ѕидови од огледала
и шепотиш во сонот
Твојата срцевина е превкусна
Но секогаш eдно зрно ми паѓа од рацете.




дож'

07. 11. 2009


какво е чувството
да давиш удавени
и гризаш нагризани
отапени
надраснати камења
да ја соблекуваш валканоста
и одмиваш доказите од телата.
какво е чувството
да личиш
на солза
да си состојка
на калта
да потсетуваш
на вакцина на смртноста
безбојноста.
да ги полниш грлата
со почетничка наивност
надеж
нескромен волумен
од сеќавање и цртеж
кој те моли за појава
да те почувствува
и те вбризгува
да го промениш
и те суши
да го осамостоиш
и те исфрла
како би можел да заборави.
какво е чувството
да си мал
и ситен
размножен
разделен
раскрварен
расеан
дождец.




the staircase

23. 20. 2009



-
Лебдиме. Скалите се предолги за да ги удостоиш со чекор.
Одлепените плочки крцкаат.
Слушам рака, слушам кал во ѕидот, слушам срамежлив сјај, слушам се додека не ги отворам очите.
Скалите воопшто не беа поплочени.
Зошто не разделија? Малечки бевме. Мојата сува коса и нејзината темна плетенка. Кочијата не носеше низ глад и ветувања. Од мракот очите ни останаа вцрвенети.
Капе зелено кадифе врз мојата венчаница.
Ужасна, ужасна земја...
Лебдиме. За да не не допрат пајаците.
Скалите се предолги за да ги исполнат нашите ветувања.
-




Провев низ улицата

19. 10. 2009



Патување беше она кое ме обзеде
Да откријам каде спие облакот што ми зборува
И дали и во неговиот роден крај крцкаат гранки ноќе
....
Зашто јас овде неможам да спијам од нивната врева.
Некогаш ќе те видам
Со чаша вино во раката
Со годините изразени на јаболчниците
Со жена која е се што не сум јас до тебе
Ќе те видам кога ќе бидеш зрел цвет со јасни бои
Цвет што се откинал од црвливите овошки
....
Тогаш ќе знам дека сум те пуштила да летнеш.
Некогаш ќе видиш
Бел провев низ улицата
Нечиј нос копнежливо залепен на прозорецот
Сенка со пристојна осаменост
Свежа како стар мебел и подеднакво недопрена
Ракав од кошула или исечок од коса
Разлеани податоци кои си ја бараат матичната жива материја
....
Тогаш ќе знаеш дека не те пуштив да летнеш.

п р о к л е т о

10. 07. 2009




Проклета дисторзирана параноја и проклета збесната кожа
Проклета еутаназија во очите на лебедите
Проклета несоница и проклет Шекспир
Проклет поглед низ решетките!
Проклета есен кога немaш со кој да газиш суви лисја
Проклето човечко тело што толку смртно живее
Проклет разум во кој лазат гладни скорпии
Проклето дно каде цветаат проклетите најубави ружи!
Проклето очекување и проклето украдено време
Проклети минути во кои се вљубени сите
Проклети проституирани вредности и проклета контрола
Проклети виртуелни гејши со скршеници на порцеланот
Проклета немоќ, и проклета тажна мелодија
Проклета златна крв што не ја собира во вените
Проклет егзорцизам, проклето безумие
Проклет ликвид кој е замолчан во епруветите
Проклета девојка, што не успева да ти помогне.



2 секунди

22. 06. 2009




****

Палиш свеќичка, даваш живот, очите на стакленцата ширум се отвораат, боите блеснуваат, зраците се излеваат, информациите испливуваат, вкусот се поматува, влагата испарува, светлината се наталожува, чоколадото се топи врз дланката, усните ја допираат кожата, исчекувањето исчезнува, исполнетоста гордо диктира, душата се оплодува, надежта се размножува, ламбите прегоруваат, илузијата зема заложници, мудроста ја примрзува, очите уживаат, стапалата се тегнат, телефонот те бара, облаците шумат, можно е и да врне, улично врапче задишано те гледа, часовниците штрајкуваат, водата за чај врие, политичката кавга ја губи вредноста, сознанието продира со благ тресок, мирисаш на поле од сребрен крем...........
........Полето се поплавува, сознанието сериозно ти ја повредува главата, политичката кавга експлодира од телевизорот, водата за чај е ладна како мраз, часовниците се враќаат во летаргија, од врапчето остануваат крвави пердуви, облаците се разбегаа, телефонот замолкнува, стапалата се тешки од умор, очите се стеснуваат, мудроста непотребно те советува, илузијата се вгнездува под перницата, ламбите се палат во одвратна жолта светлина, надежта си ги убива децата, душата се јаде самата, исполнетоста се крие во ќошињата, исчекувањето се зголемува, усните ја гризаат кожата, чоколадото го открива својот истечен рок за употреба, светлината експресно заминува, влагата натежнува, вкусот отапува, информациите тонат во заборав, зраците избледуваат, боите се стишуваат, очите на стакленцата ширум се затвораат, животот е одземен, свеќата предвреме изгасена.




~ во ветрот...

02. 06. 2009




Една мала девојка во црн фустан се смееше. А потоа се расплака.

Не сакам да го пронајдат. Сакам да плови со водата, да се стопи, да се спои со неа. Душата му ја зема ветрот што мине над неа, а шепотот, меурчињата без смисла, да останат заробени во водата.
Стоевме на брегот вечерта сите, како црни стреи со стегнати столбови, стоевме а знаевме.
Сите стоевме на бреговите секој ден, мирни и миризливи како млади борови, а знаевме.
Низ дождот удираа исечоци од спомени, и се лепеа по образите нивните пожолтени страници, а ако пробаш да ги оттргнеш и убаво да ги прочиташ, дождот ја растопува хартијата сосема. Подобро е да ги оставам залепени. Спомен. Преклопување на листови хартија.
Смеј се додека го читаш ова, зашто јас не можам. Но ти би се насмевнал и би растегнал две три самогласки за да искажеш почит.


Водата молчи. Водата која дава живот, водата која чисти отрови, водата што го усмртува телото кое е презатруено.

 Ќе се видиме, пријателе.
Мирно почивај во ветрот...



неизбежна

12. 05. 2009




Не се премислувај.
Твојот сомнеж ме боде како неочекувано голтната коска.
Оди, но не го проветрувај немирот ноќе.
Зашто ако чувствуваш како те водам, не ти е потребен фенер.
Не сум вешта со конец и игла,
Затоа свеста ти е прекуса и не ти го покрива сонот
Но не ме напуштај.
Мојата одлука ја извршуваат твоите очи.
Без нив ќе бидам чекор без звук
И муза без компас
И вода која не се бранува.
Некогаш љубоморно го собирав цутот на црешата.
Сега го оставам да ја расфрли и мојата желба.
Не ме прашувај.
Дамки се пресликуваат на секое ново платно што ќе го купам.
Неизбежна си.

школки.

11. 05. 2009



























И, зошто?
Зошто ми велат дека небото е бескрајно неограничено?
Не ми користи тој факт. Јас не го перцепирам цело. Делот од него кој секојдневно го погледнувам, има своја граница и јасно име, запишано во некој дебел астролошки тефтер, свое теме и врв на небесните прсти.
Зошто сеуште ме лажат дека вистинското богатство, себеси и својата деликатна детална природата исполнета како богат корален гребен, е мое и никому не му го должам ниту изнајмувам?
Ножици во негувани раце ми сецкаат ретки примероци од животот на сопствениот микрокосмос, а потоа внимателно ги бришат отпечатоците.
Потоа ме одгледуваат како расно кученце со добро исчеткано педигре, ми се восхитуваат како на квалитетен путер за кој е смртен грев да се намачка врз сув леб; ме полираат како совршено изработена машина, која веднаш штом сите делови совршено и се склопат, ќе појде на пазарот за марки докажани во висока функционалност и соодветно висока цена.

Отсекогаш бегав.
Седев под масата и им ги гризав чевлите.
Зошто да ги убедувам дека тоа не е така?
Кога уживаат да ме мачат.
Да ме повикаат, па да не ми ја дадат конзервата со риба.
Да ме облекуваат и да ме кријат.
Да ме соблекува и да ме крие.
Да ме чешлаат и да ме кријат.
Да ме разбушавува и да ме крие.
Зошто ги боли мојот слободен повик?
Никогаш не ти бил потажен здивот.
A мене што ми донесе животот?
Затвор во школки со мртво месо.

лош ден

25. 03. 2009




...Вознемирена од ѕвекотот на стаклената врата, таа ги отвори очите и се најде во реалност поместена за неколку линии подоле.
Не и требаше многу за да сфати дека се наоѓа на подот.
Лежеше во ексклузивната продавница мирно како замрзнато парче риба, со точно одредено убаво парченце од раскошно темносиниот тепих на пиедесталот.
Крзно на градите, гласни чекори наоколу. Цврсто слепена со гумената глазура, со носот на четвртина метар од стаклото, тешко можеше да размислува. Но светот изгледаше поубав од овде.
Неможеше да ги затвори очите, но можеше да се сети на темнина полна со грубите гласови на жените од фабриката, а потоа влажните, лепливи раце што безобразно ја допираат додека и ги пакуваат деловите во црна кутија.
Но нема веќе паника. Одамна прифати дека никогаш нема да докаже дека некаде во изработката е направена грешка и всушност има жива девојка во излогот. Никој никогаш не успеал да докаже дека е жив.
Кога само би и ја тргнале пластиката од лицето и рацете...самата веднаш би си ја искинала совршената лушпа за да стигне до самотијата, зашто кога кожата ти е пластична, душата те чеша без прекин.
Младиот господин веќе грубо ја извлекуваше од рацете на земјината гравитација, враќајќи ја на старото место.
Таа му ги гледаше големите дланки како мафтаат пред нејзините очи, поправајќи и ја фризурата. Тогаш помисли на едни други познати дланки....
 
........................................
 
...Коцка, квадратче, коцка, квадратче, коцка.
“Кажи ми за да можам да те обликувам, во колку димензии сакаш да постоиш?” – ја праша Креаторот.
“А каков избор имам?” – возбудено прашање наместо одговор.
“Не сум смислил сеуште. Не знам да смислувам. Се обидувам понекогаш. Ја пуштам славината и си полнам чаша инспирација. Но секогаш горчи. Не можам да творам под такви услови. Те прашав само од учтивост, зашто и без тоа знам да ја создадам најдобрата обвивка за било чие постоење.”
Магија. Коцка. Ги положи волшебните прсти врз нејзе, и ги извади шарените фластери кои и ги покриваа тајните, оние тајни му претходат на зуењето на невроните и телесните реакции.
Стравовите бесно извреа од поткожниот молк.
За да ја зачува безвременска, прво мораше да ја исчисти од токсините.
За да ја исчисти од токсините, мораше да ја претвори во бесмислена.
Мазно парче ѕид на кој малите девојчиња можат да си ги огледаат румените образи.
Неприродност што ќе води љубов со сечие поткупливо сетило.
Тоа го знае секој добар мајстор на мртва уметност.
“Никогаш нема да те продадам,” ја погали по образот со мекиот показалец.
“Дали е сега вистина, пеперуго, дека си поубава мртва?”
........................................
Стаклената врата ѕвечна и лесно се отвори.
“Здраво? Има ли некој?”
Една постара, миризливо уредна госпоѓа со благо наснежена шапка влезе во пространата продавница.
“Извинете, господине, една од куклите во вашиот излог паднала.”
“Ох, не повторно...” Промрморе главата која штотуку ѕирна над пултот.
“Трети пат денес. Лош ден.” – процеди сам за себе младичот додека ги засукуваше ракавите на фината кошула, одејќи накај излогот.





Monday, January 7, 2013

Ликвид !

07. 03. 2009



Е!
 Со мало закаснување (споредено со датумот на промоцијата), мерак ми е да изјавам и овде дека тазе издадов книга. Добро, крајот на јануари е сеуште тазе, нели?




- Напишано од официјалната страница на општина Велес
 
Ново име на велешката книжевна сцена
Вчера (03.02.2009 година) во Ликовниот салон беше промовирано првото литературно остварување на Марија Грубор.
Книгата „Ликвид“ на оваа млада велешка авторка е спој на поезијата и прозата, филозовско-љубовна размисла што жанровски отскокнува од вообичаените литературни клишеа. Токму затоа многубројната публика беше пријатно изненадена и видно затечена од зрелоста на изразот на младата авторка.
Марија Грубор е ученичка во Гимназијата „Кочо Рацин“. Вешта во користењето на изразот и компонирањето на зборот, на голема врата влезе во кругот на своите истомисленици. За очекување е брзо да продре во светот на литературата и со ист успех да ја освои и публиката надвор од Велес.
 
 Да кажувам описи за книжето, нема потреба. Блогов видел скоро се од тоа. 
Арно ама, сакам сега веднаш одма да му изјавам љубов и благодарност на нашиов блогерај, без чие битисување во интернет-сферата немаше да дојдам до оваа идеја.
БЛАГОДАРАМ БЛОГЕРАЈ!
 Иначе, оваа хардкопи верзија која меѓудругото содржи голем дел од моите блогерски чкртанки, може да се најде во онаа huge книжарница на Матица спроти студентскиот дом Кузман.  :) Мал број примероци. Ако се најде некој среќник што ќе ја ѕирне, чекам коментар!




Роденден, и ништо повеќе ~

24. 02. 2009




Нема разлика. Или можеби има?
Оти сеуште имам пар килца за симнување.

Ми измина цела година, отишла во неповрат заедно со сите свои денови, а сега ми започнува нова, со истите датуми, истите годишни времиња, истите зајдисонца...кругот е бескраен, а јас сум повторно на почетокот.
Точно пред стартната линија. Ја разгледувам, ја мирисам, дури и се обидувам да ја избришам. Па добро де, не боли да пробаш.
Но не се брише. Песокот се меша со старата бела боја, и ја разредува јасноста, но неможе да ја натера да исчезне.
Риба во тркалезен аквариум. Или топчест, како и да е. Како од Том&Џери.
А нејзе и секако полошо од мене, бидејќи колку пати и да ја нацрта стартната линија, водата и ја брише, и потоа пак незнае од каде почнала и каде оди.
Си седнувам во старата вртелешка, иста ко секогаш, ама завиткана во нов временски простор. И железните синџири се истите, ‘рѓосани и стабилно зацементирани во земјата, и лулките крцкаат во ист бизарен тоналитет, но безвременските целини што се нишкаат околу мене влегле во нов стадиум. Отвориле нов прозорец, случајно избран. Прославиле со молекуларен шампањ. Сега добро си ги врзуваат кацигите околу јадрото, и препотувајќи си ги рацете, се подготвуваат да скокнат од работ.

Епа, чекајте.
Немам кацига, а и рацете никогаш не ми се потат, ама ќе одам пак со вас.
Навистина, повторно победив денеска, но...ја обожавам тркава.
Нек ми е среќен и овој роденден.




Крв, солзи, малечка!

15. 11. 2008


Зошто ти ги купиле овие претесни чевлички?
   Aching feet tell no escapes.

Зошто токму тебе ти доделиле студено парче женственост?
Frozen beauty tells no lies.

Зошто ти ја исцедиле крвта од слабините?
Dead women tell no tales.
 
 
 
 
Крв, солзи, малечка.




Мазохизам

09. 11. 2008



Репресија и агресија, тенка бела завеса врз лицето 
Да не дадам, да не видат
Како замолкнува сонцето.
Кататонија во дисхармонија, околу мене наелектризирана прашина
Да не кажам, да не чујат
Кaко гние свилата.
Мазна дланка на крајот од скршена рака
Кожата е нежна, но духот под нејзе бавно солзи
Туѓи синџири на моето грло.

Делкај, крши
Колвај, раскрвари
Лизни, заведи ги
Кажи им да те ослободат!
..сега побарај прошка, седни.
Втисни малку шепот.

Мазно срце во исплашено дете
Со векови седи на работ на тајниот премин
На пат не се тргнува без поздрав.
Во жално незаситен воздух, рацете ќе истечат.
Да не допрам, да не знаат
Дека стои и времето зачудено.

демонски

07. 11. 2008

Тенките раце на демонскиот акробат
Секогаш замислено везат.
Конец кој не се одврзува,
Јазол кој ќе се вкопа необјасниво длабоко
Во ерупцијата на животна енергија
Мешавината сплотена без рецепт
Сама се готви на огнот.
Змејот ме вплете во својата шара,
А не бев бисерна, смртна принцеза.
На аглите на усните и зглобовите на прстите
Секогаш мириса на сонувана, позната земја.
Тенките раце на демонскиот акробат,
Нежно ми ја кројат оддишката.
Секогаш продираат точно каде што посакувам
Ми ја зашиваат судбината се подлабоко во својата.
 
 
Почвата од која некогаш бил искорнат зол корен, секоја пролет се посвежо се оплодува.




- токсини -

31. 10. 2008




Тела обликувани со мермерна совршеност, тела кои зад себе оставаат предизвикувачка блескава трага.
Мали, искривени и краткотрајни збиднувања со сопствена душа и правец, кои се инаетат со разумот кој ги моли да не излегуваат надвор,
за на крај се разбира,
неконтролирано излевајќи се,
секому да ја откријат локацијата на засрамената мизерија.
Незасладен порој од исецкан дожд, дебели парчиња вода спакувани во проѕирна хартија.
со тресок се распрснуваат врз површината на силуваната душа, за да го надвијат нејзиниот тап писок.
со виножитни блесоци се обидуваат да го украсат силуваното тело, за да го одвлечат вниманието од модринката.
Сесодржаен есеј за симболиката на претходната генерација,
Цврста основа за предвидување на составот на пакетот од иднината.
Во себе носат само еден звучен збор, но ги движи магијата на многу други.
Диво и бесшумно се лизгаат тие капки од црни токсини, крв, разбушавен дожд, прва утринска роса, скапоцени ликвидни прашинки од шишенце парфем.
...солзи.

слика без рамка

25. 10. 2008



Гледај.
Север без шал.
Што е чудно,
На северот не му треба шал.
Носењето шал при налетите од студен ветар е навика наметната од луѓето, 
навика која им е корисна на нивната топлокрвност и кревко тело кое не наоѓа сатисфакција во гол студ.
Но на мојот север?
Шалот го гуши, му го топи најслаткиот дел од ледената кора.
Без нејзе, внатрешноста неконтролирано би се разлеала низ целата планета.
А јас не сакам да го делам со никој.
Погледни.
Оваа слика е без рамка.
Рамката е слободна сега, кога нема боја меѓу своите раширени метални раце.
А сликата непречено го развива во празниот стан моментот кој некогаш замрзна во нејзе.

Железничка

16. 10. 2008


_________________________________________________________________

Секаде има место за зачин од фино издробени срца,
мачнината од негирање на кршливи светови,
наглите астрономски разочарувања, убодите од остри корици.
Но ова е отпадот на бавно уништуваните, каде во недоглед се трупаат работниците кои цел свој живот ги премостувале световите,
младите умови кои сонцето престанало да ги грее под стреата на стерилноста, жените кои ден на ден, жртвувале за да лекуваат туѓи рани,
се расклопувале суптилно бавно.
Нештата што ги гледаш таму повторно нема да ги видиш,
но безимен познат мирис ќе те прогонува при секое залутување.
Безбројни лепливи отпечатоци од прсти на стаклата, нечистотија на металот,
а ако се потрудиш внимателно да погледнеш внатре можеш да ги видиш како врескаат,
молчат и се смеат.
Сите оние кои некогаш го довеле својот живот во пресек со старото празно железо.
Ова е место на кое што уредно спакуваните уништените предмети,
распарчени ликови и испиени сенки ги качуваш во првиот воз;
гледаш како бавно и за првпат во р'ѓосаната историја на машинеријата - тивко, заминуваат.
Во вториот ги сместуваш неупотребените желби и копнежи,
и полу тажно-полу налутено ги праќаш по ѓаволите.
Третиот пристигнува празен, и си оди празен истотака.
И набљудувачот за момент е маѓепсан од ништото,
секој што некогаш ноншалантно погледнал кон нив ја чувствува сета таа празнина како своја се додека ги гледа, како ничија и сечија,
на секој што некогаш се возел во тие вагони со својата приказна цврсто припиена за себе; а кога во атмосферата ќе остане само мирисот,
туѓинецот се сепнува и се враќа во живот.
Затоа што на крајот од денот, Sepia-осветлувањето се гаси, звуците се враќат.
И сите нејзини тажни станари порано или подоцна ја напуштаат, ја оставаат сама заробена во крајот на светот и милионите почетоци на времето,
ја оставаат помирена со својата несоница.
                                       
_________________________

приказни без врска

05. 10. 2008


Зошто се комплицира?
Се губиме во вртоглави анализи, компарации, непотребни продлабочувања на лесната вистина.
Затоа што комплицирањето е преинтересно.
  Чиста дрога.
Но за да бидеш успешен и цврст комплицирач, кој нема да се изгуби во своите сопствени бесконечни мрежи, секогаш пред да започнеш со плетењето, мораш веќе да ја знаеш едноставната приказна.
Мора да се гради врз основа.
Мора да знаеш каде е дома, и каде да се вратиш во случај епизодите да добијат карактер кој повеќе не соодветствува со луцидноста на твојот разум.
Знаеш, тоа ти е така.
Луѓето се подеднакво некакви, какви што на многумина не им одговараат, и секогаш во етерот има мрчење.
И сите се такви. Чукнати на свој начин, патетични на свое ниво, но суштински исти.
Секој е себичен идиот, но кон различно нешто.
Секој е дискриминирачки диктатор, но кон различно нешто.
Секој е луд, но се разбира, луд во правецот за кој поседува најголем талент.
Се клеветат меѓу себе само бидејќи реакциите кои се исти кај сите не секогаш се насочени кон ист субјект.
  Чиста илузиорност.
Сепак, едни можат да се изборат со реалноста и да ги искористат ситуациите, па да ги примораат другите да гледаат на нивното драматирање со воодушевување, а други неможат да го фатат чекорот и не сакаат да жртвуваат одреден комфор, и остануваат да седат од страна носејќи обезвреднувачки етикети.
Не си ја промовирале лудоста доволно, тоа е се, целата разлика.
Многу е јасно, иако ја крши магичната мистична аура околу проблематиката на индивидуалноста.
Целата таа ценета посебност, прекрасност, света длабочина на духот; тоа се само признанија за кои, како што прави и секој друг работник на светот, треба со тешко спечалените пари да си ги одбереш и купиш во една блескава продавница.
Таму подоле, карши комплексот згради на затворот и институцијата за ментални нарушувања.
  Чист маркетинг.

 

Без очи

03. 10. 2008



Господине, ова е последната сеанса.
Немам веќе што друго да ви претскажам.
Ја продадов и последната кристална топка од излогот на минатото.
Сега се е овде и таму.
Јас сум само мала свештеничка на уличниот живот, немате потреба од моите приказни.
Ви нудев само духови погазени во калливите битки од мојот плакар, обезличени старудии кои ветриштата на преобразбата сепак нашле начин да ги претворат во безвременски вкусно вино.
Се разбира дека вас тоа не ве интересира.
Никогаш не ме послушавте, не ми дозволивте да ви ја допирам раната.  Секому кој поседува глас на светов му дозволивте одново да ви го создава веќе постоечкото.
Секој ден имавте туѓ парфем во душата, и секое утро нов сликар ви го сликаше сонцето.
О, не грижете се. Вербата никогаш не би ми дозволила да ве осудувам, секогаш ќе ве паметам како момченце, живо како игриво детство, деликатно како музичар опиен од нотите на својот нежен дух. Но Вие простете ми мене, една мала нечиста богохулничка, што не сакам да видам како наскоро полека, успиван од многубројни туѓи гласови и кикоти, ќе го затворите и здивот, говорот. И како вашата едноставна чистина, пречесто миена, просто ќе се впие самата во себе, ќе се собере во една точка, и ќе исчезне.                                                                                                
А мене уште една доверена душа ќе ми се лизне низ прстите брзо како светол песок.
Но како ли можев да ви помогнам,
момченце без очи?