13. 09. 2008
...а деновиве, кога сум отруена од сите можни чадови кои можев да ги намирисам и притоа длабоко внесам, сфаќам дека секогаш попрво би избрала телесно предозирање отколку да морам да чупам 'рѓосани струганици заглавени во умот. А бидејќи срцето ни е во мислите; би имала црни дробови, но бели мисли. Сосема ми одговара.
Никако не можам да ја избегнам онаа ноќ, кога конечно дојде да ми го претставиш ефектот на новиот експеримент, и виталните функции ти ги владееше чуден транс. Кога ми ги долови сите страни, светла и сировиот состав на проклетството.
Не ме праша како сум, што барам во таа одвратна гужва, и зошто побогу имам ставено црвен кармин. Но ме потсети да купам нова кутија цигари.
Наредното чувство можам да го клонирам со денови. Тоа е едно средно концентрирано, но трајно горчливо и квалитетно наталожено чувство, кое се покрева од желудникот што сеуште се препелка во вино, низ грлото до јазикот, и надвор. Дали беше тоа мака?
Мака што никогаш нема да можам да се рамнам со неа, зелена, природна и вечно расположена девојка на твојата ноќ. Никој не би можел. А не можам ни јас сега. Она што јас би ти го дала споредено со нејзиното е црно-бел глувонем свет и еднонасочната струја на Едисон. Таа не е живо суштество, а тоа додава на нејзината вредност; таа менува облици и форми, вкусови и бои на фустани, живи и мртви видови на пеперутки. Ти си зависен од споменот и поимот за неа што го дишат твоите четири ѕида, насобран во наелектризирани облаци кои внатре ги пуштаат своите молњи. Те забавува доволно долго за да заборавиш на несметените улици и пајажините на прозорците на градот. И кога спиеш до мене, таа те опседнува. Гледам како духот ти се одлепува од усните, гледам како повторно сте заедно. Гледам како лицето ти се претвора во еден замаглен цврсто затворен круг кој е во дефицит на остри црти во изразито белата и мазна своја внатрешност, и на чуден начин уживам во глетката на затворените совршено црни очи посеани со долги трепки, мирни алги кои се нишаат бавно. Конечно спокоен, ја љубиш; а замисли, таа воопшто не е ни суштество живо.
Зошто?
"...и конечно, ги убиваме љубените чудовишта. А потоа, танцувајќи заедно со нељубезниот надземен ветар од звукот на Месечината која задоволно 'ржи во постелата на својата Мајка, сфаќаме дека било точно, дека кога се мртви можеме да ги љубиме уште повеќе..."
...се будиш, ја нема. Седиш овде со бесцелно отворени очи, како сјајни бели гробови на стари мисли.
...и знаеш, одлично знаеш дека си уште еден генијален абортус на спојувањето на општеството со небото, еден мал јазовец лут на машинеријата бидејќи неспособните теткици од книговодството во своите бескрајни книги со дебели корици неможат да го најдат твоето пречкртано име до ден денес...го изгубиле, притоа заробувајќи те овде, бидејќи неможеш да ја напуштиш огромната ливада на овој свет без отпусница и старите документи.
Дали е страшна таа болка?
Туку, ме прашаа за лицата од восок. Жалам, јас не би знаела ништо за тоа.
No comments:
Post a Comment