01. 07. 2008
Утрата пред да пројде пролетта испуштаат најгуста пареа од спокој.
Тогаш кога летото е несигурно, а студот само кошмар стар
Во каминот останала нејасна пепел
А воздухот сеуште е подносливо кисел
Кога раката е веќе модра од прашување тајни
Околината невешто тропска, а должината на тревата несфатена уметност
Кога уличките се полни со калдрма меѓу слоевите ран дожд
А во замоците на дебелите пајаци
Среќата е ненадејна и нереално сјајна
И низ вратот на сонувачот светат букви од течен пурпур
27 пеперуги,
27 бисексуални слободни гулабици,
Прегрнати перници и змии протегнати до бескрај
И кога цврсто спијат зградите
А во нив и пијани мажи врз градите
На девојки, жени, или неуспешни хартии проза
Додека долу розите на градинарот, без негово знаење
Сами појадуваат од својата полурасцутена блажина
И токму тогаш кога кучињата скитници конечно се помируваат со несоницата
А слоновите земјотресно се превртуваат во сон
Тогаш кога завршува сечија ноќна програма
А на сцена настапува безимен момент што не познава годишни времиња
Секогаш еднакво безбоен, зародишен и незабележан
Болежлив како ненаспан копнеж или разгалена грофица
Тогаш е времето кога не сакам да гледам облици
И обожавам што знам дека постоиш иако не можам да наѕрам тело
Тоа е оној дел од денот кога светлината не е жолта
Туку сеуште е незачинета супстанца која премногу лесно се влева во стаклатаИ денот ми шепоти од онаму каде што и орлите се мрзливи и сеуште постојат мразови
А јас дремам гола со природата.

No comments:
Post a Comment