Monday, January 7, 2013

приказни без врска

05. 10. 2008


Зошто се комплицира?
Се губиме во вртоглави анализи, компарации, непотребни продлабочувања на лесната вистина.
Затоа што комплицирањето е преинтересно.
  Чиста дрога.
Но за да бидеш успешен и цврст комплицирач, кој нема да се изгуби во своите сопствени бесконечни мрежи, секогаш пред да започнеш со плетењето, мораш веќе да ја знаеш едноставната приказна.
Мора да се гради врз основа.
Мора да знаеш каде е дома, и каде да се вратиш во случај епизодите да добијат карактер кој повеќе не соодветствува со луцидноста на твојот разум.
Знаеш, тоа ти е така.
Луѓето се подеднакво некакви, какви што на многумина не им одговараат, и секогаш во етерот има мрчење.
И сите се такви. Чукнати на свој начин, патетични на свое ниво, но суштински исти.
Секој е себичен идиот, но кон различно нешто.
Секој е дискриминирачки диктатор, но кон различно нешто.
Секој е луд, но се разбира, луд во правецот за кој поседува најголем талент.
Се клеветат меѓу себе само бидејќи реакциите кои се исти кај сите не секогаш се насочени кон ист субјект.
  Чиста илузиорност.
Сепак, едни можат да се изборат со реалноста и да ги искористат ситуациите, па да ги примораат другите да гледаат на нивното драматирање со воодушевување, а други неможат да го фатат чекорот и не сакаат да жртвуваат одреден комфор, и остануваат да седат од страна носејќи обезвреднувачки етикети.
Не си ја промовирале лудоста доволно, тоа е се, целата разлика.
Многу е јасно, иако ја крши магичната мистична аура околу проблематиката на индивидуалноста.
Целата таа ценета посебност, прекрасност, света длабочина на духот; тоа се само признанија за кои, како што прави и секој друг работник на светот, треба со тешко спечалените пари да си ги одбереш и купиш во една блескава продавница.
Таму подоле, карши комплексот згради на затворот и институцијата за ментални нарушувања.
  Чист маркетинг.

 

No comments:

Post a Comment