Monday, January 7, 2013

Антика

18.05.2008



Се вика Антика. Примамливо безвременско име за најновата, свежа гостилница во мојот видеокруг.
Но, одамна велиме дека е нова?
Веројатно бидејќи беше последното живо жарче кое никна од купче камења и грмушки во тие улички.
И денес е сосема незабележливо прашлива и искината, а натписот сеуште рамномерно блеска.
Во нејзиното мало дворче секогаш има многу луѓе. Различни, исти.
Буцкастиот објект е свртен кон улицата, и луѓето што дремат на масичките во дворот имаат можност да уживаат во краткиот пејсаж од ниски изгниени куќички, издупчен тротоар и мочуришта од вчерашен дожд кои ја делат кафаната од спротивната страна на улицата.
Убави и бедни коли паркирани пред оградата.
Понекогаш ги разгледувам шарените колички, но никогаш не ги испитувам лицата на луѓето.
А бидејќи уличката е тесна и најчесто пуста, тие секогаш се заинтригирани од мојот чекор кој ја исполнува се до високиот врв на силосите. Ги вртат главите како сончогледи; и тие нееднакво подредени глави од исправени, полулегнати, превисоки или скоро детски анонимни посетители целосно ми го пополнуваат видикот на левата страна правејќи го заледен пејзаж со зјапнатите погледи.
Тие воопшто не ни мислат на мене кога ме гледаат, знам. Всушност некои не ни ме гледаат мене.
Или виното ги вовлекува во мисли длабоки колку празното шише, а погледот им се полира во стаклесто манијачко набљудување врз првиот движечки објект, или посакуваат да се на мое место, слободно забрзани кон железничката станица, со ново патување во распоредот, наместо стуткани во долгите канџи на девојката со фарбана коса до себе.
Па без разлика дали ме гледале или не, додека мигрирам по мојата добро истапкана патека која ги поврзува внатрешниот маалски, див свет и надворешниот полу урбан циркус, воздухот нараснува доволно за да ја прими бојата на скапано, зајдено сонце, кое не се гледа од високите силоси, и нивните збунети погледи се спојуваат во еден сноп, кој се фокусира директно на мене.
За среќа не ми прави дупка, туку јас им го рефлектирам назад.
А токму тогаш сум некаква.
И откако ќе го поминам краткото патче, размислувам колку ли мои лица досега се одразиле врз ѕидовите полиени во алкохол.
Еден ден ќе ги прочепкам невроните и сите на кои ќе се сетам ќе ги запишам на лист.
Би се собрала широка и долга дружина, бројна колку што имало зајдисонца до сега, возбудени генерации од плакати, секоја со мој различен лик и понуда да се мине таа ноќ во распеаното кафанче.

Една честа, топло насмеана јас како наснежено божиќно гранче, во атмосфера од вечерите кога нерамномерно ги влечам избледените патики по дупнатиот асфалт, иако енергијата и материјата ми се исцицани се до нивните рапави коски.
 
Наредна со скокотливо насмевнати веѓи, бавно извивајќи го телото во рамката на плакатот, од високите потпетици, преку мазниот фустан, се до непослушната коса.

Некогаш, но многу ретко, фатена кога само во тенко џемперче, уморна се прикрадувам дома надевајќи се дека сите веќе спијат, нервозно барајќи било каков излог за да проверам дали ми се познава на лицето каде сум била.

Потоа стотина украдени моменти кога накострешено брзам, за малку полетувајќи над зјапнатиот тротоар, кога од лутина бојата на облеката ми потемнува за 4-5 нијанси а солзите кои не си ги оправдувам ги размачкуваат прамени, бидејќи за нив немам простор за да се грижам.
 
И само неколку сосема неми слики, кога нишајќи се лево-десно и пеејќи детска песна за иднината, тажно ги вадам и повторно ги ставам сувите раце во џебовите, иако знам дека таму веќе нема ништо.

Циглите виделе безброј облаци, мисли и сништа.
Безброј млади и стари Јас, како наутро полу-освестени но полни со надежи и мириси на нов парфем, одат кон градот, точно знаејќи каде ќе стасат;
гладни и жедни се враќаат попладне дома без ниедна друга очигледна причина, туку чувствуваат само дека им недостасувал мирниот зелен дом;
навечер како се движат во сенки, и за да им помине поинтересно времето се обидуваат да го најдат творецот на своите сенки, да ја најдат месечината скриена некаде зад силосите, која пружа бледа светлина врз ѕидовите на куќичките и мали парчиња од улицата;
и оние кои секоја ноќ патуваат кон градот и го гледаат онаков каков што не го гледа никој, една огромна студена катедрала, со многу жолти соби внатре и заборавени врби наоколу.

Признавам, го мразам кафанчето со својот воајерски профил.
Никогаш на својот пат немав мир и опуштеност.
Но не би сакала да го нема.
Се навикнав или да внимавам или да не внимавам, да се сетам да престанам да си зборувам сама на себе додека минам покрај луѓето, сите вечно свртени кон уличката како кон сцена од некаков слабоспонзориран средновековен театар, или да не престанам врапчешки гласно да се смеам и да ги промашувам тротоарите дури и додека сум пред нивните камери.
Сега одлучувам дека нареден пат пред да излезам дефинитивно ќе облечам кратко тесно фустанче и ќе го вовлечам стомакот а испрчам задникот додека поминувам таму, па можеби тогаш, ете само еднаш, некако ќе се издадат дека всушност, тие цело време пазат на мене, а конците им ги влече некој друг?

No comments:

Post a Comment